Зошто дојде Синот Божји? – Свети Јован Златоуст

 

Rozdestvo Hristovo

   Ние бевме мачени од лута болест, од силна треска, и лежевме не на постела, туку среде злото, потопени во безверие како во ѓубре, прекриени со рани, смрдливи, грозни, истоштени; повеќе (личевме на) статуи, отколку на луѓе; зли демони нè опкружуваа, кнезот на овој свет нè исмеваше и нè напаѓаше. Ни дојде Единородниот Син Божји, ги распростри зраците на Своето присуство – и веднаш ја изгони темнината; ни дојде Царот, вечно важниот на престолот на Отецот, слезе од престолот на Отецот (а кога велам: слезе, не помислувај на промена на место, зашто Тој небото и земјата ги исполнува – ова го велам само во однос на домостројот, промислата Божја); му дојде на непријателот, кој Го мрази, бега од Него, не може да Го види, секојдневно хули на Него.
   Виде дека непријателот лежи во ѓубре, разјаден од црви, окован од грозница и глад, потчинет на секакви болести. И грозница го мачеше – тоа е похотата зла; и од воспаление страдаше – тоа е гордоста; и таканаречената кучешка глад го тиштеше – тоа е страста за стекнување; и гнилежни рани го покриваа – тоа е блудот; и слепило на очите – тоа е идолопоклонството; и глувост и лудило – тоа е обоготворувањето на камења и дрва, и зборувањето со нив; и голема грозотија – тоа е безверието, т.е. нешто многу одвратно, најтешка болест. Виде дека ние зборуваме полудо од оние што се бесни, и дека дрвјата и камењата ги нарекуваме богови; нè виде во такво безверие, – и не се згади од нас, ниту се огорчи, ниту се одврати, не нè намрази. Оти Тој е Создател, затоа и не го намрази Своето создание.
   Туку, што да прави? Како најдобар лекар, Тој приготвува скапоцени лекарства и прв Самиот Тој ги пробува: Тој прв ја исполни добродетелта, и на тој начин и нам ни предаде. И за прво лекарство, како некој противотров, ни го даде Крштението, со кое се ослободивме од секое зло – и наеднаш сè помина: воспалението заврши, треската прекина, трулежните рани се исушија. Сè што се раѓа од желбата за стекнување, и од гневот, и од секое друго зло е истребено од Духот; очите се отворија, слухот се отвори, јазикот почна да зборува добро, душата доби сила, телото прими убавина и таква боја, каква што и Му приличи на Синот Божји, роден од благодатта на Духот – таква слава, каква што и приличи на царевиот син, роден и израснат во порфира.
   О, какво благородништво ни е дарено нам, а ние остануваме неблагодарни кон својот Возљубител! Ние (повторно) сме родени, воспитани, обдарени – зошто повторно се оддалечуваме од Добротворот? Оној Кој го направи сето ова, секако, дава и моќ; инаку ние, потчинети на болеста, не би можеле да ја поднесеме, кога Тој не би ни дал и моќ. Тој ни даруваше и простување на гревовите, а ние го отфрливме тој дар; Тој ни даруваше и богатство, а ние го потрошивме, сè раскрчмивме; ни даруваше и сила, а ние ја истоштивме; ни даруваше благодат, а ние ја згаснавме. На кој начин? Ја расеавме на сенешто непотребно, ја употребивме за сосем некорисни нешта. Токму тоа и нè упропасти, а најмногу од сè тоа што, наоѓајќи се во туѓа земја, и хранејќи се со корења не велиме: „да отидеме при татка си и да му речеме: »Оче, згрешивме против небото и пред Тебе«“ (Лк. 15,18), иако имаме Отец Кој толку нежно нè љуби, и силно го посакува нашето враќање.
   Само кога би престанале со безверието, само кога би Му се вратиле Нему – Тој не би нè прекорувал за минатите гревови. Да се вратиме само; враќањето е веќе доволно за да бидеме оправдани. Но, што велам јас: не би нè прекорувал? Не само што нема да нè прекори, туку ако и други нè прекорат, Тој би им ја затворил устата, па макар и нивната намера да била и добронамерна. Да се вратиме, значи. До кога ќе стоиме далеку од Него? Да го осетиме своето безверие, да ја осетиме својата бедност: безверието прави свињи од нас, безверието ја гони душата со глад. Да влеземе во себе повторно. Да се вразумиме, и да се вратиме кон претходното благородништво.

 

Огласително слово на светиот отец наш Јован Златоуст, архиепископ Константинополски

 

Voskresenie Hristovo

   Коj е побожен и богољубив, нека се наслади од ова чудесно и светло торжество. Коj е благоразумен слуга, радуваjќи се нека влезе во радоста на своjот Господ. Коj се потрудил постеjќи, сега нека jа прими своjата награда. Коj работел од првиот час, денес нека jа прими заслужената плата. Коj дошол во третиот час, нека празнува со благодарност. Коj стигнал по шестиот час, нека не се сомнева, зашто не ќе загуби ништо. Коj го пропуштил и деветиот час, нека пристапи без колебање и страв. Коj стигнал дури во единаесеттиот час, нека не се плаши поради доцнењето: бидеjќи овоj прекрасен Господар е дарежлив – го прима последниот како и првиот, го успокоjува оноj коj дошол во единаесеттиот час, исто како и оноj коj работел од првиот час. На едниот му дава заслужена награда, а другиот го милува; на едниот му дава, а на другиот му дарува; делата ги прима, а намерата jа почитува; и трудот го цени и приносот го фали.
   Затоа, влезете сите во радоста на своjот Господ; и првите и останатите плата примете; богати и сиромаси, еден со друг ликуваjте; кои се воздржувавте и кои сте биле мрзливи, чествуваjте го денот; и вие кои постевте и вие кои не постевте, веселете се денес! Трпезата е преполна, сите насладете се! Телето е угоено, никоj да не си замине гладен, сите насладете се со гозбата на верата, примете го богатството на добрината! Никоj да не се жали поради сиромаштиjата, зашто се покажа заедничкото царство. Никоj да не ги оплакува гревовите, зашто од гробот заблеска прошка. Никоj нека не се плаши од смртта, зашто смртта на Спасителот нè ослободи; jа изгасна Оноj Коj беше задржан од неа. Го заплени адот Оноj Коj слезе во него, се огорчи адот вкусуваjќи го Телото Негово.
   И, предвидуваjќи го ова, Исаиjа воскликна: Адот се огорчи, кога долу Те сретна; се огорчи, зашто беше опустошен; се огорчи, зашто беше исмеан; се огорчи, зашто беше умртвен; се огорчи, зашто беше урнат; се огорчи, зашто беше окован; прими тело, а Го наjде Бога; прими земjа, а сретна небо; Го прими она што го гледаше, а падна во она што не го гледаше.
   Каде ти е, смрт, бодилото? Каде ти е, Аду, победата? Воскресна Христос и ти се струполи! Воскресна Христос и паднаа демоните! Воскресна Христос и се радуваат ангелите! Воскресна Христос и животот победи! Воскресна Христос и ниеден мртов не остана во гробот. Зашто Христос воскресна и стана првина меѓу умрените. Нему слава и чест низ сите векови. Амин.

 

Христос воскресна! Навистина воскресна!

 

Мисли од светите отци за честото причестување

 

Evharistija

   Свети Василиj Велики – „Добро е и корисно да се причестуваме секоjдневно со телото и крвта Христови. Ние се причестуваме четири пати во седмицата (мисли на Кесариската помесна црква, каде што бил архиjереj): недела, среда, петок и сабота, а исто и во другите денови ако е спомен на некоj од светиите“.
   Свети Киприjан Картагински, толкуваjќи jа Господовата молитва, вели: „Ние кои сме во Христа, светата Причест jа примаме секоjдневно, како храна.“
   Свети Теодор Студит препорачува секоjдневно причестување и ги прекорува христиjаните што во негово време (деветти век) се причестувале еднаш неделно.
   Свети Jован Златоуст – „Кого да пофалиме: тие што се причестуваат ретко или тие што се причестуваат често. Ни едните ни другите. Туку оние кои се причестуваат со чиста совест, со чисто срце, со беспрекорен живот. Таквите нека пристапуваат секогаш. Кои не се такви, нека не пристапуваат никогаш.“
   Свети Игнатиj Брjанчанинов ни порачува: „Насушниот леб на христиjаните е Христос. Непрестаното jадење на тоj леб е спасоносната наслада на коjа се повикани сите христиjани.“
   Тертулиjан вели: „Така живеj, за да можеш да се причестуваш секоjдневно.“